Буш: Гласајте и учествувајте во носењето на историската одлука

19.09.2018 11:30

Во писмото Буш истакнува дека договорот од Преспа, сега пред неговата ратификација, е храбар и фер компромис, кој ќе ја стави Македонија на патот кон влез во Европската унија и НАТО, и што ќе осигура светла иднина, која претседателот Трајковски ја имал замислено.

Договорот од Преспа е храбар и фер компромис што ќе ја стави Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и ќе и осигура светла иднина. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да гласаат на референдумот и да учествуваат во носењето на оваа историска одлука, истакнува поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш во обраќањето до граѓаните на Република Македонија.

Во писмото до македонскиот народ, што го објави Атлантскиот совет во Вашингтон, Буш пишува дека уште од првиот ден на македонската независност Соединетите Американски Држави се постојан пријател на земјата и граѓаните.

Ја почитуваме вашата храброст да се придржувате до демократските вредности и слободните институции. И го поддржуваме вашиот стремеж за остварување на напредок и безбедност во Европа, која е цела, слободна и живее во мир, вели Буш.

Во писмото Буш истакнува дека договорот од Преспа, сега пред неговата ратификација, е храбар и фер компромис, кој ќе ја стави Македонија на патот кон влез во Европската унија и НАТО, и што ќе осигура светла иднина, која претседателот Трајковски ја имал замислено.

Ги повикувам сите граѓани на Македонија да учествуваат во носењето на оваа историска одлука и да гласаат на националниот референдум на крајот од овој месец. После една деценија на пречки, сега ја имате моќта да напишете една нова и понадежна приказна за вас, за вашите деца, за вашите соседи и за вашата земја, вели Буш во писмото, нагласувајќи дека со нетрпение го очекува денот кога САД гордо ќе и посакаат добредојде на Република Северна Македонија како најнов сојузник и 30-та членка на НАТО.