Стразбур

Европратениците со поддршка за Договорот од Преспа

19.09.2018 11:57

Европратениците од поддршка за Договорот меѓу Македонија и Грција. Постои свест дека треба да ѝ помогнеме на Македонија пред референдумот и сите сакаме да Македонија влезе во ЕУ, да стане член на семејството- вели европратеничката Фајон...

Европратениците во најголем број застануваат зад постигнатиот договор меѓу владите на Зоран Заев и Алексис Ципрас. Тоа беше јасно видливо од реакцијата на претседателот на ЕП, Антонио Тајани по говорот на премиерот Зоран Заев минатата недела во Стразбур.

Пораката која ЕП ја испраќа до вашата земја е добра позитивна порака. Вие ја имате нашата поддршка и можете да сметате на нашата поддршка за стабилноста на Западен Балкан“, рече Тајани.

Известувачката за визната либерализиација во ЕП, словенечката европратеничка Тања Фајон додава:

„Тоа беше историски момент и за ЕП, бидејќи за прв пат имавме премиер на македонската Влада кој зборуваше на македонски јазик. Тоа беше историски за нас. Тој имаше силна поддршка од параламентарците кои му дадоа силен аплауз и поддршка. Тоа е важно сега. Постои свест дека треба да ѝ помогнеме на Македонија пред референдумот и сите сакаме да Македонија влезе во ЕУ, да стане член на семејството, не само Македонија, туку и целиот Западен Балкан. Со оваа таа доби позитивен сигнал“, изјави европратеничката Фајон.

„Ја повикуваме политичката опозиција од редовите на ЕНП во двете земји да покажат одговорноста и да го поддржат договорот. Таа не само што ќе ја отклучи евроатланската перспектива за Поранешна југословенска Република Македонија, туку исто така ќе помогне да се консолидира мирот и стабилноста во земјата, како и во регионот“, вели претседателот на Групата на социјалистите и демократите, Удо Булман.

Портпаролот на истата група за надворешни работи, Кнут Флекенштајн додава: „Граѓаните треба сами да одлучуваат за иднината на својата земја. Се надеваме дека ќе го искористат овој прозорец на можности предвидени со референдумот за договорот за решавање на спорот за името со Грција“.

Притоа, Флекештајн го повикува Европскиот совет да стави јасно до знаење дека преговорите за пристап нема да бидат дополнително одложени, додколку мнозинството на референдумот го поддржува договорот.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ