Референдум ќе има, Уставен ја одби иницијативата
Со седум гласа „против“ и два „за“, Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оспрување на одлуката за референдум. Судијата известител Елена Гоешва претходно предложи да се поведе постапка за одлуката за распишување и да се изрече времена мерка и запирање на сите активности на извесен период. Подносители на иницјативата за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување на референдум се политичката партија Левица и Светскиот македонски конгрес. За нив, правото било погребано денеска...

Седуммина од вкупно девет уставни судии не ја поддржаа иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на собранискта одлука за распишување на референдумот. Со тоа, не го прифатија и рефератот на судијката- известител Елена Гошева, која побара да се поведе постапка и да се запрат сите активности околу референдумот.
Гошева наведе дека одлуката не содржи четири од седум клучни елементи, како што се називот на прописот и образложението, како и видот на референдумот. Според неа спорна е двосмисленоста на референдумското прашање кое е „три во едно“ и за кое, како што рече, се можни осум одговори, а не еден и едноставен како што бара и законот и правилата на Венецијанската комисија, Кодексот за добри референдумски практики.
Судиите Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Сали Мурати, Вангелина Маркудова, Владе Стојановски и Никола Ивановски оценија дека референдумското прашање е сосемо јасно и концизно, и дека тоа преставува причинско последична целина која има за цел да дообјасни на граѓаните за што треба да се изјаснат. Според нив, се работи за државен интерес бидејќи суверенитетот произлегува и припаѓа на граѓаните и дека референдумот е највисоката демократска форма преку која тоа се постигнува.
Судијата Јован Јосифовски го поддржа ставот на Гошева, и праша зошто тој не е повикан на консултации како неговите колеги. Јосифовски им забележа на колегите за нивното мислење по што престедателот Ивановски го предупреди дека секој судија е тука за да изнесе свој став. Тој во своето излагање посочи дека очекува судот да биде мета на критики и овојпат, но дека уставните судии носат одлуки не за да ја задоволат јавноста, туку според Устав и закон.
После седницата, со свои видувања излегоа и подносителите на иницијативите. Преставникот на Левица, Апасиев рече дека со оваа одлука Уставниот суд го погребал правото. За Светскиот македонски конгрес, одлуката е неприфатлива.
Уставниот суд беше чуван од бројни полициски сили. Пред него имаше и демонстранти кои после одлуката на судот мирно се разотидоа.
Фиљана Кока
