Специјализантите бараат исполнување на ветеното
Специјализантите на Клиниката за стоматологија на мирен протест пред Министерството за здравство, бараат исполнување на ветеното, исплата на паричниот надомест и ист третман со нивните колеги...

Специјализантите по стоматологија протестираа пред ресорното министерство. Бараат исполнување на ветувањата за исплата на месечен паричен надоместок. Велат останавме изиграни, исплатата ни беше ветена од септември. Бараат рамноправен, еднаков третман со другите приватни специјализанти.
„Ни беше ветено од министерот дека од септември ќе има исплата меѓутоа не се случи тоа. Или може би некој договор, некое конкретно потпишување. Незадоволство има бараме рамноправен третман како и другите специјализанти и ние придонесуваме со целодневна работа на стоматолошката клиника“, изјави д-р Елена Лазаревска, специјализант на Клиниката за стоматологија.
„И покрај сите ветувања кои ни се дадени усно на средбите кои ги имавме со министерот и со неговите советници, наше барање е сите ветувања да ни се дадат во писмена форма за да може ние да ги доставиме до медиумите за понатамошно разгледување, бидејќи вака усно не значи ништо нема никаква тежина“, вели д-р Милан Ацевски, специјализант на Клиниката за стоматологија.
Министерот за здравство Филипче тврди дека средствата се обезбедени. На сметките ќе им легнат во октомври.
„Навистина не знам зошто протестираат и што дополнително бараат во смисла на гаранција кога сето тоа е веќе во процедура во Фондот за здравствено осигурување. Значи ветените средства ќе си ги добијат од месец септември така како што беше разговарано и како што им беше ветено, можеби очекувале средства да добијат во септември, меѓутоа септемвристаката плата се добива во месец октомври“, изјави минисерот за здравство, Венко Филипче.
Да се биде доктор по стоматологија е привилегија – велат специјализантите. Но, поради незадоволство и во потрага по подобра егзистенција колегите ја напуштаат државата.
Андријана Атанасовска
