Македонските фирми повеќе ќе соработуваат со странските
Ќе се негува партнерскиот однос, а домашните фирми ќе испорачуваат се повеќе суровини, материјали, полуфабрикати, но и компоненти што ќе се вградуваат во производите, што ќе се извезуваат од слободните економски зони...
Се поголем број македонски фирми ќе соработуваат со фабриките на странските компании што работат во земјава. Ќе се негува партнерскиот однос, а домашните фирми ќе испорачуваат се повеќе суровини, материјали, полуфабрикати, но и компоненти што ќе се вградуваат во производите, што ќе се извезуваат од слободните економски зони.
„Посебна работна група ќе изработи база на податоци во која ќе влезат сите домашни добавувачи кои имаат потенцијал и можат да соработуваат со странските фирми“, изјави Хуан Педро Хименез Наваро, претседател на Советот на странски инвеститори.
„Наместо да се увезуваат репроматеријали од надвор, и ако тие можат да се купат дома од домашни фирми, зошто да не се искористи овој потенцијал“, рече министерот за економија, Ваљон Сараќини.
На овој начин ќе се намали увозот, вели Сараќини, а домашните компании ќе имаат бенефит од оваа соработка. Лани фабриките на странските инвеститори извезле производи вредни 760 милиони евра, односно четвртина од вкупниот извоз.
До крајот на 2014-та, Советот на странски инвеститори ќе ја објави и „Белата книга“ со нивните предлози за надминување на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат.
Свето Николовски
