Продолжува судскиот процес за собраниските настани од 27-ми април
Пратеникот Ферид Мухиќ сведочеше дека стекнал впечаток оти групата е инструирана од како што рече, команден штаб.

Со сослушување на сведоци на обвинителството во Кривичниот суд продолжи судскиот процес за собраниските настани од 27-ми април. Пратеникот Ферид Мухиќ сведочеше дека стекнал впечаток оти групата е инструирана од како што рече, команден штаб.
Толпата којашто влегла, точно знаела каде оди и за помалку од една минута стигнала во прес центарот. Сведокот слушнал и разговор меѓу присутните дека Албанци од другата страна на Вардар се организирале да одговорат на насилството во Собранието, но сепак биле спречени.
Од друга страна, сведочеше Мухиќ, слушнал и дека се заговара на луѓе од толпата да им се подели оружје во случај да дојде до пресметка.
Претходно одбраната побара изземање на судијката која е претседател на Советот, но со одлука на претседателот на судот, ова барање беше одбиено.
Ново рочиште е закажано на 21-ви септември.
