Земјоделство

Закуп на државно земјиште до три хектари

20.09.2018 10:31

Тече огласот за закуп на 830 хектари државно земјоделско земјиште во 10 региони во земјава. Најголемите понудени површини се во Гевгелија, Велес и во Пробиштип, а се наменети исклучиво за производство на земјоделски култури. Изборот на закупувачите ќе биде по пат на бодување...

Нови 830 хектари државно земјоделско земјиште во 10 региони меѓу кои Гевгелија, Битола, Пробиштип и Велес одат под закуп. Идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат, парцелите ќе ги добијат за користење во период од 15 до 70 години.

Право на учество имаат домашни физички и правни и странски правни лица. Правните лицаи мораат да достават бизнис план, а физичките програма за користење на парцелата.

Почетната цена на закупот за еден хектар се утврдува во зависност од местоположбата и од катастарската класа и се движи од 5 до 25 евра.

Лицата кои имаат веќе договор за закуп немаат право да учествуваат на овој јавен повик. Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.

Огласот ќе трае до 4-ти, а јавното отворање е на 9-ти октомври 2018-та година.

Методија Трајков