Австрија

ЕУ самит во Салцбург: Нема согласност за Брегзит

20.09.2018 12:43

Покрај неуспехот за прашањето со мигрантите и бегалците, европските лидери не можат да се усогласат ни за Брегзит, чијшто краен рок истекува за околу шест месеци. Во Салцбург се прават обиди за придвижување на процесот со цел да се ублажи тонот меѓу Лондон и Брисел и да се обезбеди побезболен излез на Обединетото Кралство од Унијата за двете страни...

Брегзит е меѓу главните теми на вториот ден од средбата на лидерите на Европската унија во Салцбург, Австрија. Британската премиерка Тереза Меј претходно повика да се фокусираат на постигнување договор во наредните два месеца, порачувајќи дека преговорите нема да бидат продолжени. На своите 27 колеги од блокот им порача дека приоритет и натаму ќе бидат економските односи и исполнувањето на ветувањата за Северна Ирска. 

Предлогот на Меј за потпишување заеднички правилник за трговија и комбинирана царинска територија не наиде на поддршка меѓу нејзините колеги од Конзервативната партија бидејќи веруваат дека со тоа ќе биде нарушен британскиот суверенитет. Преговорите за Брегзит се во критична фаза. Остануваат уште 6 месеци до официјалниот излез закажан за 29 март 2019 година.

„Има предлози за друг самит во октомври, па и во ноември. Ирска сака да го избегне сценариото без договорот, но се подготвуваме и за тоа. Во наредните недели треба да ги удвоиме напорите за да се осигураме дека ќе имаме договор“, изјави Лео Варадкар, премиер на Република Ирска.

„Сакам да останеме обединети, и имаме колективен пристап со сите 27 членки. Мора да бидеме усогласени, треба да се најде решение, но не смее да се наруши кохерентноста“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Шкотската премиерка Никола Старџен бара одложување на датумот доколку не биде склучен детален договор за идните трговски односи. Премиерите на Чешка и Малта изразија надеж дека ќе биде одржан и втор референдум за Брегзит којшто ќе го поништи резултатот од првиот во 2016 година. На нов референдум повикува и групата што ја води кампањата „Народен глас“ на кој граѓаните би избирале меѓу заминување со или без договор, или останување во сегашните услови.

 

Маја Филдишев