Невреме во повеќе региони од светот

20.09.2018 13:16

Бурата „Али“ беснее во Велика Британија, а Филипини се справува со последиците од ураганот „Мангхут“. Во САД, расте бројот на жртви што ги остава зад себе ураганот „Флоренс“...

Најмалку две лица загинаа, повеќемина се повредени, а над илјада домаќинства останаа без струја во налетот на бурата „Али“ која погоди делови на Британија. Една жена загинала кога нејзиниот автомобил бил однесен од ветрот во бездна, а маж настрадал кога на него паднало стебло.

Бурата „Али“ носи ветришта со брзина и до 160 километри на час. Властите издадоа предупредување од невреме во Северна Ирска, Шкотска и на северот на Англија. 

Жртви и исчезнати во свлечиште на Филипините

Најмалку четири лица, меѓу кои и едно дете, загинаа, а десетици други се водат како исчезнати, при лизгање земјиште во централниот дел на Филипините. Свлечиштето, кои било предизвикано од поројните дождови што деновиве го зафатија тој дел од Филипините, однело најмалку 30 куќи. Властите стравуваат дека под наносот се затрупани 50 до 80 лица. Минатиот викенд Филипините беа погодени од ураганот „Мангхут“, при што загинаа 88 лица.

„Од денеска повеќе од еден милион луѓе се засегнати од тајфунот Мангхут кој ги погоди Филипините на 15 септември. Околу 148 илјади луѓе се се уште во евакуациски центри. Тафунот оштети близу 6.000 куќи, а целосно уништи повеќе од 500. Според властите, повеќе од 10.000 училишта и натаму остануваат затворени“, изјави Фархан Хак, заменик портпарол на генералниот секретар на ОН.

САД: Расте бројот на жртви во бурата „Флоренс“

Бројот на загинати при налетот на ураганот „Флоренс“ што го погоди источниот брег на САД, порасна на 37, додека 15.000 луѓе сѐ уште не можат да се вратат во своите домови.

Над 200.000 луѓе во сојузната држава Северна Каролина, пак, сѐ уште се без електрична енергија. Гувернерот Рој Купер изјави дека сѐ уште се чувствуваат последиците од бурата, како и дека поради растот на нивото на реките се очекуваат нови поплави.  

 

Марина Ристова