Сите деца со нарушен раст немаат пристап до хормонска терапија
Само 100 деца со нарушен раст во земјава се лекуваат, другите се жртви на системски пропусти. Поради долгото време поминато на листата за чекање, стигаат до возраст кога терпијата не дава резултати. На одбележувањето на Светскиот ден- аларм до надлежните...

Сите деца со нарушен раст немаат пристап до хормонска терапија- само 100 се лекуваат, другите ги сносат последиците од системските пропусти. Поради долгото време поминато на листата за чекање, стигаат до возраст кога терапијата не дава резултати. На одбележувањето на Светскиот ден од здружението „Раст“ укажаа на важноста од навремена дијагноза и терапија.
„Наша порака до здравствените власти, сите дечиња се еднакви и не смееме да правиме никаква разлика помеѓу нив. Едни добиваат право да бидат лекувани и да бидат корисни, активни придонесувачи во заедницата, а другите на некој начин се доведени во ситуација да бидат казнети и цел живот да се носат со сите физички видливи системски проблеми од нелекуваното нарушување на растот“, изјави Александар Петровски, претседател на здружението „Раст“.
Од здружението побараа, здравствените власти да изготват регистар со кој ќе се знае точната бројка на пациенти, а набавката на терапијата да не зависи од тендерски постапки. Лекарите од Детската клиника велат дека се посветени на раната дијаностиката.
„Последната година се обезбеди терапијата децата да ја примаат на три месеци, со што се намалија трошоците и губењето на време на родителите секој месец да доаѓаат за терапијата“, изјави д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.
„Она што треба, да го препорачаме за понатаму, децата, односно адолесцентите кои имаат комплетен дефицит и потежок степен на дефицит на хормон за раст да продолжат со давање на хормот за раст и во адултната возраст, онаму каде што недостига“, додава д-р Елена Шукарова, шеф на Оддел за ендокринологија.
Нарушувањето на растот може да биде прв знак за други заболувања поврзани со срцето, мозокот, телесната тежина, депресија. Од здружението апелираат- кривата за раст да биде секојдневна алатка на педијатрите.
Андријана Атанасовска
