Пекинг

Кина: САД да ги повлечат санкциите

21.09.2018 13:13

Пекинг бара Вашингтон да ги повлече санкциите воведени кон кинеската армија поради набавката на руски авиони и ракети. Кина, пак, најави дополнителни царини за американските производи во вредност од 60 милијарди долари. Експерти предупредуваат трговската војна меѓу Кина и САД е опасност за светската економија.

Министерството за надворешни работи на Кина побара од САД да ги повлечат санкциите што Вашингтон ги воведе за кинеската армија поради набавката на руски воени авиони и ракети земја – воздух, Сухој 35 и ракети С-400. На мета на американските санкции се најдоа и кинеското одделение за развој на опрема и директорот Ли Шангфу поради „значителни трансакции“ со рускиот државен извозник на оружје „Росо-борон-експорт“.

Американската администрација на црната листа стави уште 33 кинески државјани и субјекти кои соработуваат со руската армија и разузнавачката служба.

Во меѓувреме Кина објави дека ќе воведе дополнителни тарифи за американските производи во вредност од 60 милијарди долари, почнувајќи од 24 септември, како одговор на новонајавените тарифи на САД за кинески производи.

„Кина е принудена да преземе контрамерки за да ги одбрани своите легитимни интереси и да ја заштити глобалната слободна трговија. Тоа нема никаква врска со домашната политика на САД“, изјави Гао Фенг, портпарол на Министерството за трговија.

Вашингтон во почетокот од неделата објави дека воведува дополнителни 10 насто тарифи за кинеските производи вредни 200 милијарди долари. Експертите предупредуваат дека новите американски казнени тарифи за Кина претставуваат опасност за светската економија.

 

Марина Ристова