Лидерите на ЕУ без договор за Брегзит и мигрантите
Нема договор за брегзит и за миграцијата на самитот на лидерите на Европската унија во Салцбург. Предлогот на британската премиерка Тереза Меј за потпишување заеднички правилник за трговија и комбинирана царинска територија не доби поддршка. Во Салцбург и протести на активистите за миграција...

Британската премиерка Тереза Меј е принудена да го ревидира планот за излез на Обединетото Кралство од европскиот блок, обидувајќи се да создаде нова политичка мапа за безболен Брегзит, Лондон и за Брисел. Лидерите на Унијата не се согласуваат со предлозите за натамошниот развој на економската соработка. Меј најави нови препораки за решавање на границата со Ирска. Според планот, Британија би останала во единствениот пазат на ЕУ за производи, но не и за услуги.
„Преговарам за интересот на британскиот народ. Преговарам за да им го дадам на луѓето она за кое гласаа на референдумот. Но, јасно е дека ако се справуваме со обврските кои ги имаме кон Северна Ирска, мора да сме сигурни дека нема да постои тврда граница меѓу Северна Ирска и Ирска. И тоа мора да се направи без да се наруши интегритетот на Обединетото кралство. За сево ова е потребно непречено движење на производи преку границата“, изјави премиерката Меј.
Првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск вели дека иако не се согласни за сите точки, земјите-членки делат заедничка цел – намалување на приливот на дојденци. Повика на зголемена соработка со Египет и вети дека ќе ја направи миграцијата главна тема на самитот на ЕУ и Арапската лига во февруари 2019 година во Египет.
„Со претседателот ал-Сиси ќе имаме средба в недела, а ќе бараме и други африкански партнери. Согласни сме дека иако постојат позитивни елементи во британскиот предлог, планираната рамка за економска соработка нема да функционира, првенствено зашто е ризична за единствениот пазар“, изјави Туск.
Преговорите за Брегзит се во критична фаза. Остануваат уште 6 месеци до официјалниот излез закажан за 29 март 2019 година.
Маја Филдишев
