Макрон: Верувам во иднината на земјата
Лидерот на Франција преку свое обраќање ги повика граѓаните на 30-ти септември да гласаат, затоа што како што рече, со тоа ќе се стави крај на 27-годишниот билатерален спор...

Спогодбата од Преспа од 17-ти јуни овозможува напредок и подготовка за иднината, смета францускиот претседател Емануел Макрон. Лидерот на Франција преку свое обраќање ги повика граѓаните на 30-ти септември да гласаат, затоа што како што рече, со тоа ќе се стави крај на 27-годишниот билатерален спор.
„Јас не можам да се ставам на Вашето место зашто вие гласате независно во оваа политичка дебата која е важна за земјата. Вие треба да изберете и да се одлучите дали сте за промена на Уставот или не, за Спогодбата да стане важечка. Да станете Северна Македонија, согласно Спогодбата. Јас одлучно сум ЗА и цврсто верувам дека овој договор е добар! За Вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на Вас“, вели францускиот претседател Макрон.
Ниеден договор не е совршен, смета Макрон и додава- знам дека за едните истиот не е доволно долгорочен, а за другите дека поинаку би го испреговарале. Сепак, францускиот претседател оценува - двете земји направиле голем исчекор, а самиот договор произлегува од храброста на лидерите да стават крај на спорот.
„До пред неколку месеци никој не се надеваше на овој договор. Но, на овој договор се чека веќе 27 години. Овој договор се постигна поради храброста на Вашите и на грчките лидери. Затоа јас го поддржувам. Потполно! Силно! Сметам дека истиот има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е и суштината на амбициите за Вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следат“, вели Макрон.
Слична порака испратија и двајца француски амбасадори кои ги повикаа граѓаните да гласаат, затоа што, како што наведоа, освен видот на гласот, Брисел ќе ја валоризира и излезноста пред да даде оценка за прогресот на земјата.
Анита Димитријевска
