Иванов: Знаењето нема смисла ако не се користи
Претседателот Иванов одржа предавање на Државниот универзитет „Вејн“ во Мичиген. Говореше за раѓањето на новиот свет, за предизвиците и можностите на новите генерации...
„Секоја цивилизација се соочува со предизвици, потребни се креативни решенија“, посочи претседателот Иванов во своето предавање на Државниот универзитет „Вејн“ во Мичиген. Говореше за раѓањето на новиот свет, за предизвиците и можностите на новите генерации. Низ призмата на мисли од познатите философи, Иванов ги објаснуваше промените во светот, предизвикани од брзиот напредок на технологијата, демографијата, миграциите, зголемувањето на различноста, климатските промени.
„Настапува период пост-демократија, тоа не е не- демократија, туку демократијата ќе влезе во поинаква фаза кога ќе се види дека на неа не делуваат толку тие што ги избираат политичарите, туку спин докторите. Спин доктори се креатори на политиките и програмите и активностите на политичарите“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.
Претседателот говореше за големата криза од 2008-та година и за причините поради која се случија тектонски промени, и во реалноста и во размислувањата. Посочи дека се загубила етиката и ги охрабри младите да го искористат својот потенцијал, бидејќи стариот свет си заминува и се раѓа новиот свет.
„Знаењето нема смисла ако не се користи, тоа треба да има апликативна функција, тоа нема смисла ако не се користи, треба да го примените и да ви користи во животот. Сè што е човекова креација, без разлика дали е политика, спорт, војна, медицина, култура, сè подлежи на исти четири правила, ако ги користите ќе најдете решение за сè: бидете трпелив, учете од другиот, искористете го моментот и четврто, ако сакате да успеете бидете подготвени за жртва“, нагласи претседателот Иванов.
Научната фантастика денеска станува фантастична наука, укажа претседателот Иванов за време на своето предавање.
Претседателот Иванов во своето едночасовно предавање на Универзитетот Вејн во Детроит говореше за предизвиците и за можностите на новиот свет, за она што го направиле генерациите на ветераните, бејби- бум генерацијата, генерацијата ИКС, и за она што го прават или ќе го прават генерациите Z, Y и Алфа.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Детроит, Мичиген за МРТ
