Преработувачката индустрија има голем потенцијал
Дводневната конференција на различни компании од сродни производни сектори овозможи над 60 македонски компании да го прошират бизнисот надвор од локалниот пазар, преку директни средби со 35 странски купувачи и можноста за вклучување во глобалните синџири за добавување.
Македонската лесна преработувачка индустрија има голем потенцијал тврдат од Македонската асоцијација на метална и електро индустрија „МАМЕИ“. Основна цел е да се поврзат домашните производители со странските купувачи, како и да се подигне опременоста на производните капацитети и квалитетот на испорачаните производи според највисоките европски стандарди.
„Целта на Асоцијацијата на електро и метална индустрија „МАМЕИ“ е да им помогне на компаниите со заедничко видување полесно да дојдат до странски купувачи и до странски пазари. Заеднички да ги зајакнеме сопствените капацитети и да ја зајакнеме македонската индустрија. Се надевам дека оваа конференција ќе помогне во таа цел“, вели Марта Наумовска- Грнарова, претседател на Македонската асоцијација на метална и електро- индустрија „МАМЕИ“.
Дводневната конференција на различни компании од сродни производни сектори овозможи над 60 македонски компании да го прошират бизнисот надвор од локалниот пазар, преку директни средби со 35 странски купувачи и можноста за вклучување во глобалните синџири за добавување.
„Убавината на директните бизнис состаноци е во тоа што наместо натпревар со еден победник, тие резултираат со позитивни исходи за сите вклучени страни. Не секој состанок ќе заврши со зделка, но зделките кои ќе бидат склучени неизбежно ќе донесат придобивки за пошироката економија преку зголемена ефикасност, продуктивност и вработувања“, рече Едвард Гонзалес- директор на канцеларијата за развој на УСАИД.
Конференцијата беше ко- организирана со Делегацијата на Германското стопанство во земјава, финансиски поддржана од УСАИД, Холандската амбасада и Преда плус. Беа присутни компании од автомобилската, металната, машинската и индустријата за производство на опрема.
Свето Николовски
