Од септември пет отсто повисоки плати во образованието, здравството и градинките
Од Министерството за финансии посочуваат дека од буџетот се обезбедени над 277 милиони денари...

53.653 вработени во здравството, во основното и средно образование и во градинките септемвриската плата ќе ја добијат повисока за пет отсто. Од Министерството за финансии посочуваат дека од буџетот се обезбедени над 277 милиони денари.
Зголемувањето во здравството ќе се движи и до 5.300 денари за наставниот кадар. За ресорниот министер со ова и претходното зголемување на надоместокот за прекувремена работа, дежурствата и ноќниот труд се подобрува положбата на вработените во здравствениот систем.
Вработените во јавните и државните основни и средни училишта ангажирани на неопределено или на определено работно време, ќе добијат зголемување на платите за пет отсто, рече министерот Адеми. Покачување ќе добијат 30 илјади вработени.
Од Министерството за труд децидни дека растот на платите ќе продолжи со цел да се достигнат европските стандарди.
Првиот финансиер Тевдовски посочи дека со буџетските корисници се преговара за буџетот за идната година, нема решенија дали ќе има зголемување на платите и во другите сектори.
Реагираше ВМРО – ДПМНЕ. Од таму велат дека СДСМ од опозиција ветуваше подобри услови во образованието и поголеми плати за просветните работници. Сега од позиција на власт им се нудат минимални покачувања.
Дијана Ценевска
