Иванов ќе го бојкотира референдмот
Пред нашите иселеници во САД претседателот Иванов рече дека спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и оти ќе има несогледливи последици по нашите држава и народ. „Не се потврдува, туку се менува македонскиот државен и институционален идентитет“, рече Иванов во своето обраќање и додаде дека никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдумот...

„На 30-ти септември нема да излезам да гласам“ – претседателот Иванов од Детроит го соопшти конечниот став за референдумот. Пред нашите иселеници во САД рече дека спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и оти ќе има несогледливи последици по нашите држава и народ. „Не се потврдува, туку се менува македонскиот државен и институционален идентитет“, рече Иванов во своето обраќање и додаде дека никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдумот.
„Секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува, да излезе и да гласа, или да не излезе и да бојкотира. Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам“, изјави претседателот Иванов.
Иванов посочи дека членството во ЕУ и во НАТО е наш интерес и обединувачка стратешка цел, но додаде оти со оваа спогодба се создава вештачка творба, која не е израз на волјата на македонските граѓани. Шефот на државата изјави дека без вистински реформи нема интеграции и оти со прифаќањето на, како што го нарече, штетниот грчки договор и промената на Уставот, членството во ЕУ и во НАТО не следува по автоматизам.
„Кога ја преземав функцијата Претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешен-правен и меѓународно-правен идентитет. Во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Немојте да дозволите тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост“, нагласи претседателот Иванов.
На гала-вечерата во Детроит, присуствуваа конгресмените Пол Мичел и Деби Дингел. Иванов од Обединетата македонска дијаспора го доби признанието „Глобален државник“, кое е највисоко признание од оваа организација. Пред нашите иселеници во САД, тој рече дека верува оти дијаспората ќе помогне во овој период на предизвици.
Претседателот Иванов го соопшти конечниот став. Пред нашите иселеници во САД рече дека ќе го бојкотира референдумот на 30-ти септември.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Детроит, Мичиген за МРТ
