Иванов: Владата нема мандат за промена на идентитетот
Претседателот Иванов ја продолжи посетата на САД. Во црквата „Света Богородица“ во Мичиген се сретна со нашите иселеници, а во Њу Џерси имаше средба со дијаспората во црквата „Свети Кирил и Методиј“. Во пресрет на референдумот Иванов со порака, конечната одговорност е на македонските граѓани, бидејќи каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме...

„Македонските граѓани и дијаспората се исправени пред големи предизвици за кои мора да се бараат решенија, но тие не смеат да отстапуваат од принципите на нашето постоење и опстојување. Еден од тие принципи е македонскиот јазик“ - oва го изјави претседателот Иванов по литургијата во цркавата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Мичиген. Пред нашите иселеници, тој рече дека како што македонскиот народ е создавачот на Република Македонија, така Република Македонија е чуварот на идентитетот на македонскиот народ, трезор на неговата култура и промотор на неговото творештво.
„Ниеден политичар нема мандат да преговара за идентитетот на еден народ. Мнозинството македонски граѓани не гласале за програма во која е предвидена промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име на државата. Па така, ниту актуелната влада не добила мандат од народот ниту од гласачите за промена на идентитетот, за откажување од дијаспората, за губење на историјата и паметењето“, изјави претседателот Иванов.
Иванов пред нашите иселеници во Детроит рече дека македонскиот е мал народ што минал низ големи страдања, но сепак, останал со нескршлив дух.
Претсетседателот Иванов во црквата Рождерство на Пресвета Богородица присуствуваше на осветувањето на фрескоживописот.
По Детроит, Иванов замина на средба со дијаспората во Њу Џерси во цркавата „Св. Кирил и Методиј“, каде што повтори оти на 30-ти септември нема да излезе на гласа на референдумот.
„Конечната одговорност е на македонските граѓани. Бидејќи, каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Од нас зависи дали ќе ја сочуваме одлуката од првиот референдум за Република Македонија во која ќе бидеме свои на своето, во која нема да се воздржуваме да кажеме дека сме Македонци, дека нашите предци биле Македонци. Или, ќе одлучиме да ја поништиме одлуката од претходниот референдум од 8 септември 1991 година. Дали правно ќе се укинеме како народ и ќе дозволиме некој друг да ни го толкува минатото и да ни ја одзема иднината“, изјави претседателот Иванов.
Мартин Пушевски, специјален известувач од САД за МРТ
