Заев ја повика опозицијата заедно да ја градат иднината
Наша гордост е да ја осигураме и да ја обезбедиме Македонија и конечно да стане европска земја, порача премиерот Зоран Заев на синоќешниот собир во Струмица. Ги повика граѓаните да излезат на 30-ти септември и да гласаат „за“ на референдумот.
Ајде заедно да изградиме план за европска Македонија, затоа што нема друга алтернатива, а ако има ајде да ја слушнеме и да разговараме за неа. Премиерот Зоран Заев од Струмица ја повика опозицијата - заедно да ја градат иднината на земјата. Рече – вистинските патриоти ќе излезат на 30-ти, затоа што тоа не е ден за премолчување.
За договорот со Грција Заев рече дека е фер и праведен, го зајакнува идентитетот, а македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните на ЕУ. Македонија ќе биде и 30-тата членка на најголемиот воен сојуз, рече Заев, кој гарантира мир и стабилност. На средбата со граѓаните во Струмица зборуваше и биснисменот Тони Костов. Рече дека интеграцијата во ЕУ, значи нови реформи. Очекува европското законодавство да се примени и во нашата земја, да порасне стандардот на граѓаните и да се подобри бизнис климата.
Караванот на коалицијата – „Излези за европска Македонија“ денеска ќе одржи трибини со граѓаните во Демир Капија, Свети Николе и Неготино.
Анита Димитријевска
