Пекинг

Кина воведе дополнителни царини за САД

24.09.2018 12:20

Мерката е одговор на новите увозни давачки од 10 насто за кинеска стока во вредност од 200 милијарди долари, кои американската администрација ги објави минатата недела. Овие царини кои исто така стапуваат во сила денеска, постепено ќе се зголемуваат и ќе достигнат ниво од 25 проценти до крајот на годината.

Од денеска стапуваат во сила новите кинески царини во вредност од 60 милијарди долари за увозни стоки од САД. Мерката е одговор на новите увозни давачки од 10 насто за кинеска стока во вредност од 200 милијарди долари, кои американската администрација ги објави минатата недела. Овие царини кои исто така стапуваат во сила денеска, постепено ќе се зголемуваат и ќе достигнат ниво од 25 проценти до крајот на годината.

Претседателот на САД, Доналд Трамп повторно им се закана на кинеските власти дека ќе наметне уште поголеми тарифи на кинеската стока, доколку Пекинг одговори на најновите санкции на САД. Трамп ја предупреди втората најголема економија во светот „два пати да размисли пред да се вклучи во трговска војна со САД“, затоа што тоа ќе биде војна во која што американците имаат повеќе муниција.

Американскиот претседател веќе воведе царини од 25% на 50 милијарди долари вреден увоз од Кина, по што Пекинг возврати со воведување царини на американската стока.

Американскиот претседател се закани дека доколку Пекинг донесе одлука да се одмазди на најновите мерки, тогаш САД ќе возврати со воведување царини на стока со износ од 517 милијарди долари, што практично ќе ги покрие сите производи кои што Кина ги продава во САД.

Во меѓувреме паднаа цените на акциите на азиските пазари бидејќи Пекинг ги откажа трговските преговори со САД, додека цените на нафтата се зголемија откако ОПЕК одлучи да не го зголеми производството на „црното злато“.

Трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот започна во јули кога Вашингтон наметна царини на кинеска стока вредна 34 милијарди долари. Тензиите се зајакнаа во август, кога Трамп воведе дополнителни 25 проценти царина за увоз на 16 милијарди долари вредна кинеска стока. Кина во двата случаја возврати со царини со ист интензитет.

Марина Ристова