Димитров: Патот кон ЕУ и НАТО води преку договорот за името
Министерот за надворешни Димитров со став- патот кон Европската унија и НАТО води преку Договорот со Грција, план Б нема. Убедува- цврсти се гаранциите за прием на Македонија во НАТО. Иванов бега од одговорност, срамно е да се искаже бојкот и тоа од преку океанот- вели шефот на дипломатијата...
Неколку дена пред референдумот, шефот на дипломатијата Димитров ги повтори главните членови од Договорот со Грција. Името на државата ќе биде Република Северна Македонија, идентитетот и јазикот македонски, државјанството македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија. Остануваат МК и МКД, но ќе се менуваат регистарските таблички. Димитров дециден дека никој не смее да ни го оспори демократското право на самоопределудување и нема да не нарекуваат северномакедонци.
Во договорот нема уставни измени. Тоа е работа на Собранието, вели Димитров. Посочува дека ќе се менуваат четири членови од Уставот: членот за името на државата, за границите, со што посилно ќе се гарантираат, членот со кој државата ќе се грижи за припадниците на македонското малцинство во соседните земји ќе се прошири со грижа за дијаспората и нема да се менува преамбулата на Уставот за државноста од Илинден, АСНОМ и независноста во ’91-вата.
Доколку нема одѕив на референдумот како на претходните избори, одговорноста ќе ја преземе Собранието, вели Димитров. Очекува мнозинството пратеници да ја почитуваат волјата на граѓаните. За разлика од привремената спогодба, која Грција не ја почитуваше, овојпат ќе се спроведе Преспанскиот договор, вели Димитров.
Шефот на дипломатијата повтори- ова е единствена шанса за евроатлантската интеграција и за иднината на Македонија. Одлуката на претседателот Иванов да не излезе на референдумот е бегање од одговорноста, оцени Димитров.
Ирина Гелевска
