ИРАН

Закани за САД и Израел по нападот во Ахваз

24.09.2018 12:52

Иран со закана до САД и Израел по нападот во Ахваз врз револуционерната гарда, најмоќната воена сила на оваа Исламска република. Официјален Техеран ги поврзува и другите земји од регионот за инцидентот во кој загинаа и војници и цивили. Вашингтон ги негира обвинувањата. Антивладината група „Националниот отпор на Ахваз“ и Исламска држава презедоа одговорност, но засега нема конкретни докази дека некоја од двете групи го извршила нападот...

Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли им порача на иранските власти да направат интроспекција пред да ги осудуваат другите земји за нападот што се случи на воената парада во Ахваз. Четири вооружени лица отворија оган кон војниците на Револуционерната гарда, усмртувајќи речиси 30 луѓе, вклучувајќи и цивили.

САД го осудува секој терористички напад на секое место. Тоа отсекогаш било така. Рохани треба да го погледне домашниот терен.  Неговиот народ протестира, а сите пари што влегуваат во Иран одат во војската. Долго време ги угнетува луѓето, и мора да се погледне за да сфати од каде потекнува тоа. На луѓето им е доста, и токму затоа се случува ова. Може да нѐ обвинува колку што сака, но мора да се погледне во огледало“, изјави Ники Хејли, амбасадорка на САД во ООН.

Неделава, Рохани ќе се соочи со неговиот американски колега Доналд Трамп на Генералното собрание на ООН. Пред да замине за Њујорк, вети дека  ова злосторство нема да помине неказнето.

„Нам ни е јасно кој е виновен и со кого е поврзан. Една од заливските земји им даде помош во пари, оружје и политички средства на напаѓачите. Малите марионети во регионот се потпомогнати од Америка, таа ги провоцира и им ги дава потребните капацитети“, вели Хасан Рохани, претседател на Иран.

САД и Иран водат повеќедецениски спор. Официјален Вашингтон е против програмата за нуклеарно оружје на владата во Техеран. Во 2015 година, во мандатот на тогашниот американски претседател Барак Обама, постигнаа историски договор, што беше потпишан и од Кина, Русија, Британија, Франција и Германија. Целта на документот беше да се ограничат нуклеарните активности во замена за ублажување на санкциите кон Иран. Односите се влошија со доаѓањето на актуелнот челник на Белата куќа Трамп кој ги врати санкциите и покрај противењето на партнерите од ЕУ, Кина и од Русија.

Маја С. Филдишев