Можат ли македонските компании да профитираат од обновата на Авганистан?
Експертите ја отворија дилемата – дали домашните компании можат да се вклучат во обновата на Авганистан, земја која повеќе од една деценија е растрганата од војни. Сега е време за изградба на Авганистан. Дали македонските компании ќе дојдат до дел од колачот вреден милијарди долари за реконструкција и обнова...

Можат ли навистина македонските компании, во прв ред градежниците, да профитираат од обновата на Авганистан, како што сугерираат експертите? Според првиот човек на Градежната комора при ССК, тешко е да се очекува вакво нешто може да истуркаат самите компании, но отворена е можноста ако настапат како конзорциум со партнери од регионот или како подизведувачи.
„Во моментов има домашни компании кои работат или посредуваат во изнаоѓање работна сила за тие пазари. Има и компании кои се ангажирани во делот на логистиката, во снабдувањето со храна или обезбедуваат разни услуги“, изјави Сеад Кочан, претседател на Градежната комора при ССК.
Можности за заработка во Авганистан има многу. Тоа најдобро го знаат британските компании, кои во голем дел се ангажирани во обновата на централноазиската земја.
„Тоа се огромни компании кои имавме можност да ги видиме и во Македонија кога НАТО беше присутен тука. Тие ги следат мисиите на НАТО низ целиот свет, уиграни се, ги знаат правилата. Тоа е многу добар бизнис, но потребни се сила и знаење, бидејќи се работи за големи проекти. Македонските градежни компании се уште не се дораснати за тој предизвик“, изјави Сеад Кочан, претседател на Градежната комора при ССК.
Експертите порачуваат дека се потребни издржани проекти зад кои би застанала државата.
„Самите претпријатија, доколку се здружат и доколку конкурираат во поставганистанското општество, можат да добијат. Владите во регионот може да се јават само како помагачи на оваа активност, но не и како водачи, бидејќи станува збор за приватен капитал“, вели проф. Методија Хаџи – Јанев, Евроатлантски совет.
Пари има, трката е кој ќе дојде до нив.
Меѓународните донатори од 2001-та до 2010-та обезбедија 35 милијарди долари помош за Авганистан, а од 2012-та до 2015-та се ставени на располање уште 16 милијарди долари, односно по 4 милијарди годишно.
Мартин Пушевски
