Политика

Димитров со појаснување за Договорот со Грција

24.09.2018 16:04

Реалноста е дека дека патот кон Европската унија и НАТО води преку Договорот со Грција, план Б нема – тврди министерот за надворешни работи. Уставните амандмани не се напишани, ќе ги формулира Собранието- убедува Димитров со став дека цврсти се гаранциите за прием на Македонија во НАТО...

Неколку дена пред референдумот, шефот на дипломатијата Димитров ги повтори главните членови од Договорот со Грција. Името на државата ќе биде Република Северна Македонија, идентитетот и јазикот- македонски, државјанството-  македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија. Остануваат МК и МКД, но ќе се менуваат регистарските таблички. Димитров дециден дека никој не смее да ни го оспори демократското право на самоопределудување и нема да не нарекуваат „Северномакедонци“.

Димитров вели дека во Уставот ќе се интервнира со четири амандмани- со кои ќе се додаде географската одредница „Северна“ во името, поцврста гаранција за границите дека Грција и Македонија немаа територијални претензии една кон друга и оти грижата за македонското национално малцинство во соседните држави ќе се прошири на грижа за правата на целата македонска дијаспора во светот. Преамбулата на Уставот нема да претрпи измени во државно-правниот наратив кој, како што рече министерот, почнува од Илинденското востание, преку АСНОМ до рефрендумот за независност во 1991-ва, туку во уставните амандмани ќе се именуваат конкретните одлуки од АСНОМ.

Доколку нема одзив на референдумот како на претходните избори, одговорноста ќе ја преземе Собранието, вели Димитров. Очекува мнозинството пратеници да ја почитуваат волјата на граѓаните. За разлика од привремената спогодба, која Грција не ја почитуваше, овојпат ќе се спроведе Преспанскиот договор, вели Димитров.

Шефот на дипломатијата повтори- ова е единствена шанса за евроатлантската интеграција и за иднината на Македонија. Одлуката на претседателот Иванов да не излезе на референдумот е бегање од одговорноста, оцени Димитров.

 

Ирина Гелевска