Њујорк

Нов механизам за тргување со Иран

25.09.2018 10:28

Потписничките на нуклеарниот договор со Иран, со исклучок на САД, најавија механизам за продолжување на трговските односи со официјален Техеран. Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина сакаат непречени трансакции од бизнис-зделките со Иран. САД се повлекоа од договорот и се заканија со казнени мерки и за иранските компании и за сите кои ќе соработуваат со нив...

Пет од државите потписници на нуклеарниот договор со Иран ќе формираат финансиски механизам, кој ќе им овозможи да продолжат да тргуваат меѓу себе без можност за воведување на санкции од САД коишто се шестата потписничка земја. На маргините на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини организираше средба со претставници на Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина, на која се разгледувало како Иран да продолжи да добива пари од трговските зделки, без САД да можат да ги попречат овие трансакции

„Учесниците во Генералното собрание на ООН потврдија дека Иран продолжи целосно да ги исполнува своите обврски од Договорот што беше утврдено со 12 последователни извештаи од Меѓународната агенција за атомска енергија. Акцент ставија на одлучноста да се штити слободата на нивните економски оператори и да се води легитимен бинис со Иран, во целосна согласност со резолуцијата 2231 од Советот за безбедност“, изјави шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.

САД се повлекоа од договорот со Иран и најавија казнени мерки против иранските компании, како и против сите други фирми кои ќе тргуваат со Иран и ќе ги прекршат санкциите што ги воведе Вашингтон. Но, европските држави потписнички, како и Русија и Кина, сакаат да го продолжат спроведувањето на договорот, чија цел е запирање на иранската нуклеарна програма.

 

Маја Филдишев