„Верувам во Македонија“- промовирана книга со говори на Борис Трајковски
27.02.2014 18:47
На секоја земја и треба е лидер кој умее да зборува на јазикот на обичниот човек, а сепак кога ќе се најде во друштво на светските политичари подеднакво умешно да комуницира со нив...

„Верувам во Македонија“ е насловот на книгата од говори, обраќања и пораки на поранешниот претседател на Македонија Борис Трајковски што денеска беше промовирана во Скопје, а чиј автор е новинарката и публицист Јасмина Миронски.
Во присуство на сопругата на Трајковски, Вилма и неговата ќерка Сара, на негови поранешни соработници и почитувачи, пратеници во Собранието, и во рамки на одбележувањето на годишнината од неговата трагична смрт, Миронски подвлече дека тоа што на секоја земја и треба е лидер кој умее да зборува на јазикот на обичниот човек, а сепак кога ќе се најде во друштво на светските политичари подеднакво умешно да комуницира со нив.
„Борис Трајковски беше еден од ретките што имаа среќа да ја имаат таа дарба дадена од Бога. Но, истовремено тој беше и доволно умен таа умешност да ја негува и надградува кога сосема неочекувано за многумина стана вториот претседател на независна Република Македонија. Трајковски сакаше да се дружи, да разговара, да учи, да осознава нови работи и да ги согледа проблемите како ретко кој. Тој се соочуваше со проблемите и бараше решение за нив. Не ги пренебрегнуваше, не ги криеше, како што не криеше дека политичките решенија што се носат во даден момент не се можеби најдобрите, но дека се најповолни во околностите и можностите, согласно потребите на граѓаните. Можеби затоа луѓето го сакаа, а политичарите ги минимизираа неговите дела“, рече Миронски.
