Пет земји ќе овозможат тргување со Иран
Потписничките на нуклеарниот договор со Иран, со исклучок на САД, најавија механизам за продолжување на трговските односи со официјален Техеран. Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина сакаат непречени трансакции од бизнис- зделките со Иран. САД се повлекоа од договорот и се заканија со казнени мерки и за иранските компании и за сите кои ќе соработуваат со нив...

Пет од државите потписници на нуклеарниот договор со Иран ќе формираат финансиски механизам, кој ќе им овозможи да продолжат да тргуваат меѓу себе без можност за воведување санкции од САД кои се шестата потписничка земја. Системот ќе ги потпомага нафтените компании и бизниси во тргувањето, без да зависат од глобалниот пазар предводен од САД и доларот.
На маргините на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини организираше средба со претставници на Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина, на која се разгледувало како Иран да продолжи да добива пари од трговските зделки, без САД да можат да ги попречат овие трансакции.
„Учесниците во Генералното собрание на ООН потврдија дека Иран продолжи целосно да ги исполнува своите обврски од Договорот што беше утврдено со 12 последователни извештаи од Меѓународната агенција за атомска енергија. Акцент ставија на решителноста да се штити слободата на нивните економски оператори и да се води легитимен бинис со Иран, во целосна согласност со резолуцијата 2231 од Советот за безбедност“, изјави шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
Експертите се сомничави за изводливоста и ефикасноста на најавениот механизам поради можноста за приспособување на санкциите од страна на САД , доколку сметаат дека е потребно да се интервенира во новиот систем.
„Договорот на ЕУ е прст во око за САД. Го одразува ставот на Европејците за одлуките на Трамп. Вознемирени се од противењето на меѓународните норми со повлекувањето од договорот. Во исто време, сите надворешни ревизори потврдија дека Иран се придружува до договорот. Европејците сакаат да го спасат и ова го сметаат за последна шанса“, смета Роџер Шанахан, истражувач, Институт за меѓународна политика „Лоуи“.
Во почетокот на годината, американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од Иранскиот нуклеарен договор од 2015 година и ги врати санкциите кон земјата што ја обвинува за поддршка на тероризмот на глобално ниво.
Техеран ги негира обвинувањата, а ЕУ и Меѓународната агенција за атомска енергија тврдат дека иранската престолнина целосно ги исполнува обврските од договорот, познат како „Заеднички сеопфатен акциски план“. Беше изготвена во мандатот на претходниот американски претседател Барак Обама, со цел да се ограничат нуклеарните активности на Иран во замена за ублажување на казнените мерки.
Маја Филдишев
