Рускоска: Со ништо не е нарушено правото на одбрана на обвинетите
Посочи дека обвинителството има задача да ја утврди фактичката состојба и што навистина се случило и кој е одговорен.

Судењата можеби се чини дека траат предолго, но во септември само шест рочишта се закажани, а со оглед на обемноста на доказниот материјал, сметам дека тогаш ќе имаше приговори дека многу долго трае постапката, изјави јавната обвинителка Вилма Рускоска, која е обвинител во предметот за собраниските настани од 27-ми април. Посочи дека обвинителството има задача да ја утврди фактичката состојба и што навистина се случило и кој е одговорен.
„Сметам дека со ништо не е нарушено правото на одбрана на обвинетите. Напротив, бидејќи сите до еден се изјаснија дека не се виновни, сметам дека е во нивни интерес што побрзо да заврши постапката, како би можеле евентуално да бидат ослободени“, рече Рускоска.
Во однос на приговорите за делото, кое им се става на товар на обвинетите, и можноста за преквалификација, Рускоска рече дека од поведување на истрагата се работи за истото кривично дело.
