Заев: Одлучуваат тие што гласаат
Премиерот Заев соопшти- ќе гласам „за“. Треба и другите политички лидери да ги кажат своите ставови. Наша одговорност е да носиме одлуки и да им ги соопштуваме на граѓаните. Според него, ако има и еден глас повеќе „против“, Договорот со Грција ќе биде поништен. Верува дека референдумот ќе биде успешен затоа што станува збор за иднината на државата...

Верувам дека ќе успее референдумот. Видливо мнозинство ќе ги даде насоките на пратениците, вели премиерот Заев. Според него, одлучуваат тие што ќе гласаат, тие што не гласаат не се ни бројат. Изјави дека ако има и еден глас повеќе „против“, Договорот со Грција ќе биде поништен, ако има видливо мнозинство „за“ , сите пратеници без разлика дали се на власт или опозиција треба да го следат правецот што ќе им го дадат граѓаните.
„Нашите одлуки, мојата, на Димитров ќе бидат безвредни ако народот не ги гласа. Затоа е убавината на референдумот. Ветувањето да се одржи референдум потекна од ВМРО-ДПМНЕ, уште од пред 12 години, а ние како СДСМ го прифативме и убаво е да го исполниме. Во страница 295 од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ пишува дека „само граѓаните на референдум ќе ја донесат одлуката“ и јас се согласувам 100 посто со тоа, исто така од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ пишува „мнозинството граѓани ќе одлучат“ и јас се согласувам сто посто. Ние всушност се согласуваме со ВМРО- ДПМНЕ и верувам дека така ќе постапиме на денот на референдумот. Јас кажувам дека ќе гласам „за“. Треба и другите политички лидери да ги кажат своите ставови затоа што водиме политички субјекти, наша одговорност е да носиме одлки и да им ги соопштуваме на граѓаните“, нагласи премиерот Заев.
Успешниот референдум значи дека граѓаните ќе можат да почувствуваат придобивки од добрата економија во земјава. За да се подобри состојбата на посиромашните граѓани, владата донела одлука за намалување на трошоците за извршителски постапки, нотарите да наплатуваат такса од 10 проценти, а извршителите од 20 насто. Промените на тарифите ќе важат и за веќе почнатите, но ненаплатени извршителски постапки.
„Знам дека од ова некои ќе бидат незадоволни. Но, ги зедовме во предвид сите забелешки од нотарите, извршителите и адвокатите“, изјави министерката за правда, Рената Дескоска.
Новите тарифи нема да влијаат негативно на бројот на вработени во канцелариите на извршителите, затоа што и со нив тие ќе имаат доволно заработувачка, велат од Владата.
Ирина Гелевска
