Њујорк

Серија билатерални средби на претседателот Иванов во ООН

26.09.2018 11:00

Серија билатерални состаноци на шефот на државата Иванов на маргините на 73-то Генерално собрание на Обединетите нации. Со заменик- генералниот секретар на Обединетите нации, претседателот го потенцирал интересот на државава за учество во цивилен и воен персонал во телата на организацијата. Утре Иванов ќе се обрати од говорницата на светската асамблеја...

Серија билатерални состаноци во агендата на претседателот Иванов за време на 73-то Генерално Собрание на Обединетите нации. Шефот на државата разговараше со Кралот на Јордан, Абдула Втори. Посочил дека нашата земја има интерес за продлабочување на економските односи и за проширување на обемот на трговска размена, за што се согласиле дека е потребна институционална поддршка. Претседателот и Кралот оцениле дека Македонија и Јордан имаат пријателски и партнерски односи, но и оти се потребни повеќе средби на повисоко ниво, а изразиле и подготвеност за  соработка на мултилатерален план.

На средбата со заменик-генералниот секретар на ОН задолжен за контра-тероризам,  Владимир Воронков било разговарано за улогата на Македонија во борбата против меѓународниот тероризам и заканите. Иванов посочил дека нашата земја има интерес за учество на цивилен и воен персонал во телата на Организацијата кои креираат политики за справување со глобалните закани, а Воронков рекол дека ќе предложи соодветен пакет за институционално јакнење на државите од Балканот и за учество во проекти за поголема безбедност.

Иванов имаше средба и со секретарот за надворешни работи на Ватикан, надбискупот Пол Ричард Галагер. Шефот на државата ја истакнал конструктивната улога на Католичката црква, како столб на меѓунационалната и меѓурелигиска коегзистенција и изразил надеж дека Папата Франциск ќе ја прифати поканата за посета на Македонија. Надбискупот, пак, оценил дека иако католичката заедница во нашата земја е мала, таа е многу почитувана, што претставува потврда за македонскиот модел на меѓурелигиски соживот.

Инаку, Иванов в четврток ќе се обрати од говорницата во Светската асамблеја. Претходно, генералниот-секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш во своето излагање кусо се осврна и на решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција.

Мартин Пушевски, специјален известувач од САД за МРТ