Рохани ги осуди САД за „економски тероризам“
Иранскиот претседател Рохани со жестока реторика кон САД пред Генералното собрание на Обединети нации. Ја обвини американската администрација за „економски тероризам“. ЕУ најави нов механизам за елиминирање на санкциите од Вашингтон, а првите луѓе на Трамп се заканија со сериозни последици доколку биде спроведен системот...

Во говорот пред Генералното собрание на Обединети нации, иранскиот претседател Хасан Рохани ја обвини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „економски тероризам“ и план за соборување на иранската Влада. Ја отфрли идејата за одржување на билатерални разговори со Вашингтон.
„Повлекувањето од Договорот усвоен од Советот за безбедност е против правилата и нормите на меѓународното право. Врз која основа и критериум може да направиме договор со администрација којашто се однесува вака? Каков било разговор ќе биде во рамките на Заедничкиот сеопфатен акциски план и резолуцијата 2231 од Советот. Иронично е што САД не го кријат својот план за соборување на истата влада што ја кани на разговор“, изјави претседателот на Иран, Хасан Рохани.
Откако се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран, САД воведоа санкции. Обидувајќи се да ја спаси Спогодбата од 2015 година, ЕУ ќе формира посебно финансиско тело со кое ќе бидат избегнати санкциите од американската влада во тргувањето со нафтата со Иран. Официјален Вашингтон револтиран од одлуката на Брисел.
„Ќе го следиме развојот на оваа нефункционална структура за која немаат ни рок за нејзино активирање. Не планираме да дозволиме Европа или кој било друг да ги избегне нашите санкции“, рече Џон Болтон, советник за национална безбедност на САД.
„Ова е една од најнепродуктивните мерки што може да се замислат за регионалниот и светскиот мир и стабилност. Ако режимот добива приходи, ќе го зацврсти статусот на главен поддржувач на тероризмот, овозможувајќи насилен извоз на револуција, и ќе се богати уште повеќе додека иранскиот народ ќе сврзува крај со крај“, изјави Мајк Помпео, државен секретар на САД.
Според Белата куќа, Иран ги финансира конфликите на домашен терен и во Сирија со пари од продажбата на нафта.
Маја Филдишев
