Референдумот ќе го следат 12.400 домашни и странски набљудувачи
Референдумското гласање в недела ќе го следат 12.400 странски и домашни набљудувачи акредитирани во Државната изборна комисија. Акредитирани се и 83 странски новинари од 32 медиума. Референдумот ќе го набљудуваат и речиси 200 монитори на мисијата ОБСЕ/ОДИХР.

Рекорден број домашни и странски набљудувачи ќе бидат на избирачките места во недела на 30-ти септември за да го следат процесот на изјаснување на граѓаните на Република Македонија за референдумското прашање. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.
Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиума, но, како што информираат оттаму, неколкумина новинари биле одбиени поради тоа што доставиле барање за акредитации по истекот рокот кој заврши на 24 септември на полноќ.
Најмногу набљудувачи акредитирало Здружението за граѓански политики и иницијативи 5.574, потоа Сојузот на Здруженија на граѓани Македонска платформа против сиромаштија 3.736, НОВ МОСТ 1.882, Цивил – Центарот за слобода 307. Здружението Ленка 129, Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција Мак Сонце 119 набљудувачи, Здружението Национален ромски центар 46, Европско движење за град Скопје 44, Здружението Инклузива 40 и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид 30 набљудувачи.
Референдумот во недела ќе го набљудуваат 197 монитори на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, а тие акредитирале и 129 преведувачи.
