Рохани и Трамп со жестока реторика за последните случувања
Иранскиот претседател Рохани со жестока реторика кон САД пред Генералното собрание на Обединети нации. Ја обвини американската администрација за „економски тероризам“. ЕУ најави нов механизам за елиминирање на санкциите од Вашингтон, а првите луѓе на Трамп се заканија со сериозни последици доколку биде спроведен системот...

Во говорот пред Генералното собрание на Обединети нации, иранскиот претседател Хасан Рохани го обвини својот американски колега Доналд Трамп за „економски тероризам“. Ја отфрли идејата за билатерална средба со САД коишто, како што вели, воопшто не го кријат планот за соборување на истата влада што ја канат на разговор.
„Повлекувањето од Договорот усвоен од Советот за безбедност е против меѓународното право. Врз која основа и критериум може да направиме договор со администрација којашто се однесува недолично? Каков било разговор ќе биде во рамките на Заедничкиот сеопфатен акциски план и резолуцијата 2231 од Советот“, изјави Рохани.
Откако се повлекоа од нуклеарниот договор, САД воведоа санкции. Обидувајќи се да ја спаси Спогодбата од 2015 година, ЕУ најави посебно финансиско тело со кое ќе бидат избегнати санкциите од американската влада во тргувањето со иранската нафта. Официјален Вашингтон, убеден дека кабинетот на Рохани ги финансира конфликите на домашен терен и во Сирија со приходите од нафтата, го предупреди Брисел.
„Ќе го следиме развојот на оваа нефункционална структура за која немаат ни рок за нејзино активирање. Не планираме да дозволиме Европа или кој било друг да ги избегне нашите санкции“, рече Џон Болтон, советник за национална безбедност на САД.
„Ова е една од најнепродуктивните мерки што може да се замислат за регионалниот и светскиот мир и стабилност. Ако режимот добива приходи, ќе го зацврсти статусот на главен поддржувач на тероризмот, овозможувајќи насилен извоз на револуција, и ќе се богати уште повеќе додека иранскиот народ ќе врзува крај со крај“, изјави Мајк Помпео, државен секретар на САД.
Спорот со Иран беше дел и од говорот на Трамп во Њујорк, чијшто вовед беше посветен на успесите на својот тим, што ги насмеа присутните.
„За помалку од две години мојата администрација постигна повеќе од речиси која било друга администрација во историјата на нашата земја. Точно е! Не очекував таква реакција, но добро“- рече претседателот Трамп.
Трамп поентираше дека економска помош ќе добиваат само земјите кои ги почитуваат САД, коишто, како што вели, секогаш ќе ги претпочитаат независноста и соработката, пред контролата и доминацијата.
Маја Филдишев
