ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Почнува подготовката за преговорите со ЕУ

26.09.2018 14:53

Македонија од утре го почнува скрининг процесот за пристапувањето во Европската унија. Правосудството и човековите права, први на списокот на Брисел. Владата распиша оглас за создавање регистар на надворешни експерти за помагање во процесот на подготовка за преговори...

Македонија ги почнува подготовките за официјалниот почеток на преговорите со Европската унија. Многубројна македонска делегација во Брисел до крајот на неделава на скринингот ќе слушне од претставниците на Европската комисија што е потребно да се спроведе пред отворањето на Поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството и фундаменталните човекови права.

Македонска делегација предводена од вицепремиерот Бујар Османи утре и задутре во Брисел ќе го отвори скрининг процесот на поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и фундаментални права, а во рамки на претстојните преговори за пристапување на Македонија во Европската унија.Во делегацијата ќе има претставници од повеќе министерства и институции, техничкиот преговарач и советник за евроинтеграции Бојан Маричиќ, а ќе биде и министерката за правда Рената Дескоска“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Од Брисел велат дека скрининг- процесот за Македонија и Албанија е почетен брифинг за објаснување на земјите- кандидати за правото на ЕУ и на тој начин да ги подготви пред официјалното почнување на преговорите.

Брисел, пак преку овој процес има можност да го оцени степенот на подготвеност на земјата кандидат. Делегацијата на Европската комисија ја предводи еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан.

Скрининг - процесот треба да заврши до јуни идната година, потоа, ако Македонија ги исполни барањата на Европската комисија, официјално ќе ги почне преговорите за членство. Со скринингот се опфатени 33 поглавја за кои ќе бидат потребни 33 делегации и околу 1.000 експерти од разни области.

Македонскиот тим за преговори со Европската унија ќе биде засилен и со домашни експерти, за кои веќе е распишан конкурс.

 

Ирина Гелевска