ДИК

Почна гласањето за референдумот

26.09.2018 15:28

Членови на избирачки одбори кои ќе отпатуваат во дипломатско- конзуларните претставништва на земјава се изјаснуваат за референдумското прашање. Рекорден број домашни и странски набљудувачи...

Со гласање на луѓето кои ќе бидат претставници во избирачките одбори во дипломатско-конзуларните претставништва почна референдумското изјаснување.

„Вкупно 104 гласачи, членови на избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во странство се запишани во изводот од избирачкиот список на избирачкото место 5050 и имаат можност да го остварат своето гласачко право денеска, овде во просториите на ДИК. Веќе во сабота, на 29-ти септември, тие ќе го спроведат гласањето во дипломатско- конзуларните претставништва, вкупно 33 на број, каде што имаме прифатени 2.694 пријави од наши граѓани кои се на привремена работа или престој во странство“, изјави портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

За референдумот се пријавени рекорден број набљудувачи- близу 12.000 домашни и над 500 странски. Акредитирани се и околу 80 странски новинари.

Кампањата за референдумот завршува в четврток на полноќ. Први во сабота ќе гласаат 2.694 граѓани кои се пријавени во 33 македонски амбасади во светот. 1.558 лица кои се во казнено- поправните домови, седуммина раселени и болните и изнемоштените кои се пријавиле дека сакаат да го остварат своето гласачко право.

Миле Ристески