Евроинтеграции

Во Брисел започна скринингот за Македонија

27.09.2018 13:00

Во Брисел почна скринингот за Република Македонија. За почеток во фокусот се најде поглавето 23, а за првпат Европската комисија има истовремено скрининг за две земји, Македонија и Албанија. Во јуни 2019-та Европскиот совет треба да донесе одлука за формално почнување на преговорите со Македонија...

Почна подготвителниот состанок во Брисел со презентација на поглавјето 23 за правосудство и фундаментални права. Правдата и владеењето на правото се условите Македонија да добие датум за преговори во јуни. Десетина претставници на Европската комисија ги запознаваат 43- члената македонска и 39- члената албанска делегација со законските одредби, судски одлуки и најдобрите практики кои ќе бидат патоказ за земјите- кандидати во текот на преговорите.

„Ова е почеток на најинтензивниот ангажман во нашата долга врска. Мора да има заемно разбирање за тоа што се правилата на ЕУ за да се подготвите за идното членство. Нашите експерти ќе ги објаснат должината и длабочината на заедничкото европско законодавство“, изјавил Кристијан Даниелсон, директор за проширување на ЕК, на почетокот на состанокот во Брисел.

Македонија и Албанија задолжително го почнуваат скрининг- процесот со поглавјата 23 и 24, согласно со новоусвоената методологија за преговори на Унијата.

„Европската и евроатлантската ориентација на земјата претставува точката на обединување на нашето општество уште од самата независност, а во процесот на приближување кон ЕУ, неповратно се вградени сите претходни влади, пренесувајќи ги интересите на земјата на своите наследници, кои продолжуваат онаму каде нивните претходници застаналe. Нам ни е јасно дека почнуваме комплексен процес, кој ќе се одвива во повеќе фази, но дозволете да Ве уварам дека мотивацијата и ентузијазмот меѓу администрацијата, граѓанскиот сектор, претставниците на бизнисот, но и воопшто кај граѓаните, од напредокот во евроинтеграциите е на исклучително високо ниво. Ве уверувам дека ние сме подготвени да се справиме со овој предизвик“, изјави вицепремиерот Бујар Османи.

За првпат Брисел го одржува скрининг- процесот со две земји заедно, а не одвоено, бидејќи и Македонија и Албанија во јуни од Советот добија условен датум за почнување на преговори. Во ноември, ќе има втор скрининг за поглавјето 24 за правда, слобода и безбедност.

До јуни идната година, треба да се одржат подготвителни состаноци за сите 33 поглавја пред Европскиот совет да донесе одлука за формално почнување на преговорите со Македонија.

 

Ирина Гелевска