ВМРО-ДПМНЕ: ЕУ и НАТО нема да се откажат од Македонија ако не помине Договорот со Грција

27.09.2018 14:12

Лага е дека и ЕУ и НАТО ќе кренат раце од Македонија доколку не помине капитулантскиот договор на Заев. Македонија била и ќе остане партнер и на НАТО и на ЕУ- вели генералниот секретар на партијата...

Во недела македонскиот народ е соочен со историска одлука, или ќе се самоукине или ќе продолжи да се бори за сѐ она за што се бореа генерации пред нас, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, ЕУ и НАТО нема да се откажат од Македонија ако не помине Договорот со Грција.

„Лага е дека и ЕУ и НАТО ќе кренат раце од Македонија доколку не помине капитулантскиот договор на Заев. Македонија била и ќе остане партнер и на НАТО и на ЕУ. Тоа сме го докажале и ќе продолжиме да го докажуваме. И токму со одлуката да си го сочуваме националното достоинство, ќе продолжиме да одиме по патот за полноправно членство кон ЕУ и НАТО“, изајви генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

Сега се обидуваат повторно да најдат некое толкување со кое што ќе се спасат, ќе ја заобиколат волјата на народот и ќе го изиграат законот. Се обидуваат да најдат ново толкување на неопходниот цензус за референдумот затоа што се во паника и гледаат дека никој веќе не им верува, велат од ВМРО-ДПМНЕ.