Заев: Граѓаните го имаат клучот, време е за одлука
„На 30-ти септември, секој од нас треба да стави тула во изградбата на подобра македонска иднина, да помогнеме да станеме земја- членка на најмоќниот безбедносен сојуз- НАТО и рамноправна земја во најсилната економска заедница во светот- Европската унија“- завршно обраќање на премиерот Заев пред референдумот. Според него, граѓаните го имаат клучот да ја направат нашата држава членка на европското семејство...

Во недела ќе се соочите со историска одлука. Треба да направите избор, но не меѓу две политички партии, туку за вашата иднина, за иднината на вашите деца, избор за иднината на нашата сакана Македонија, порача премиерот Заев од Крушево. Во обраќањето до граѓаните пред Македониумот, рече дека споменикот не потсетува оти македонскиот народ секогаш го правел вистинскиот избор, во 903-та за време на Илинденското востание, во 41-та година во НОБ, кога застана рамо до рамо до прогресивна Европа против фашизмот. На 8 септември 91-та со глас на референдумот донесовме одлука за слободна, независна и суверена Република Македонија. Не се остварија нашите стремежи и сонот за европска Македонија, земја членка на НАТО, потенцира шефот на Владата.
„Но денеска, остварувањето на тој сон, на тој наш стремеж, е блиску. На 30 септември, секој од нас треба да стави тула во изградбата на подобра македонска иднина, да помогнеме да станеме земја членка на најмоќниот безбедносен сојуз-НАТО, и рамноправна земја во најсилната економска заедница во светот-Европската Унија. Вие, граѓаните го имате клучот да ја направите нашата држава членка на европското семејство“, вели премиерот Заев во обраќањето.
Заев потврди дека ќе гласа за мирна и безбедна земја, во која Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и другите етнички заедници ќе имаат добар и просперитетен живот. Ги повика и граѓаните да гласаат, бидејќи како што додаде, тој глас ќе ја одреди насоката по која ќе тргне Македонија.
„Демократијата и правото на глас се наша највисока вредност. Во тоа име, наша граѓанска одговорност е да одиме на гласање. Во недела, вашиот глас ќе ја одреди вашата иднина и иднината на нашата земја. Сега е време за одлука. Ајде да бидеме единствени како што направивме пред 27 години. Ајде да ја придвижиме нашата земја кон светла иднина. Заедно за европска Македонија“, нагласува премиерот Заев.
Премиерот појасни дека со договорот е направена отстапка и е прифатена географска одредница кон името Македонија, но дека целосно се признава македонскиот народ, македонскиот јазик е заштитен, идентитетот е обезбеден засекогаш. Вели-Химната и знамето остануваат исти и заштитени. Ние сме Македонци и секогаш ќе бидеме Македонци.
Милчо Велески
