Иванов во ООН: Ако референдумот биде успешен, се создава полусуверена држава- ако не, се отвора нова можност
Претседателот Иванов се обрати на 73-то Генерално собрание на Обединетите нации...

Ако референдумот биде успешен, се создава нова, полусуверена држава – ако не биде успешен тогаш се отвора нова можност за решавање на прашањето- порача во своето обраќање претседателот Ѓорге Иванов на 73-то Генерално собрание на Обединетите нации.
Во изминативе неколку недели Република Македонија ја посетија повеќе високи странски претставници. Знам дека многумина од нив искрено сакаат да и помогнат на Република Македонија да стане дел од Европската Унија и НАТО. И од срце им благодарам за нивните добри намери. Но, се плашам дека и тие биле доведени во заблуда. Нивната порака е дека ако референдумот не успее и ако Преспанската спогодба не се прифати, тогаш не треба да се надеваме на членство во НАТО и во Европската Унија. А јас ги прашувам - ако ни ја земете надежта, што ќе ни остане? Помогнете ни со тоа што ќе го деблокирате процесот за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија без да го кршите правото на самоопределување, рече претседателот Иванов во својот говор.
Многумина од нив ги убедуваат македонските граѓани да ја прифатат грчката спогодба. Нив ги прашувам, дали тие би прифатиле да го дерогираат право на самоопределување на нивните сопствени народи и држави? Дали тие би прифатиле мешање во нивните внатрешни работи, нарушување на сувереноста и политичката независност? Зошто тогаш од нас се бара да прифатиме нешто што никој во светот не би го прифатил? Не не убедувајте да јадеме од овој отровен плод. Крајно време е отровното стебло, сосе неговиот отровен плод, да бидат отстранети- нагласи претседателот Иванов.
Ако овој референдум биде успешен во согласност со законот, тогаш не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име и нов внатрешно-правен и меѓународно- правен идентитет. Ќе бидеме држава само по име, но не и по суштина, бидејќи друг ќе ни го регулира начинот на живот. Но, доколку овој референдум не е успешен, тогаш се отвора нова можност. Можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Да го обновиме националниот консензус што го постигнавме на почетокот на независноста- нагласи претседателот Ивнов во својот говор.
