Слична оценка како и лани за Македонија во извештајот за човекови права
Македонија доби слична оценка како и претходната година во извештајот за почитувањето на човековите права во 2013-та. Оценета е како демократија која се уште има проблеми во разграничувањето на државата, судството, медиумите и правта на помалите групи граѓани како хомосексуалците.

Македонија е оценета како демократија, која има слабости во судството, лустрацијата, медиумската слобода, затворскиот систем, полициската употреба на сила, правата на хомосексуалците и се ограничува движењето на Ромите поради опасноста да се укине визната либерализација, се наведува во извештајот на Стејт Департментот за состојбата со почитувањето на човековите права во Македонија во 2013-та. Потенцирани се судските случаи против новинарот Томислав Кежаровски и бизнизменот и член на опозицијата Мирослав Шиповиќ. Во Македонија се почитува правото на собирања, судски тужби, истражен судија мора да одобри налог за полициската работа, стои во извештајот.
-„Во светот во 2013-та е регистрирано намалување на почитувањето на човековите права,“ изјави американскиот државен секретар Џон Кери при претставувањето на извештајот во Стејт Департментот.
„Иако денеска го објавуваме извештајот за другите нации, сепак се стремиме кон повисоки стандарди и овде бараме одговорност. Знаеме дека и Соединетите Американски држави не се совршени. Не зборуваме од ароганција , туку од загриженост за човековите права,“ изјави Џон Кери-американски државен секретар
Постои загриженост за состојбата во Северна Кореја, Сирија, Венецуела, Украина, Мали, Централноафричката република, Шри Ланка, Бангладеш. Државите од нашето соседство се оценети како демократии, коишто исто така имаа слабости во справувањето со корупцијата и неонацизмот и ксенофобијата.
