Хан: Очекуваме скринингот да заврши до следното лето
Еврокомесарот Хан на вториот ден од подготвителниот скрининг со Македонија порача дека почетокот на овој процес е знак за силната заложба на Европската унија кон Македонија и Албанија и дека очекува оваа фаза да заврши до следното лето...
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан на вториот ден од подготвителниот скрининг со Македонија порача дека почетокот на овој процес е знак за силната заложба на Европската унија кон Македонија и Албанија и дека очекува оваа фаза да заврши до следното лето, за првата меѓувладина конференција да се одржи наесен 2019-та. Со тоа и официјално треба да започнат преговорите за членство со ЕУ. Сепак, еврокомесарот Хан истакна- преостанува уште многу реформска работа до таа цел.
„Оваа недела го одбележа првиот од серијата состаноци што ќе ги имаме со цел да размениме мислења со нашите колеги за европските закони кои мора да бидат усвоени во законодавството на земјите кандидати. Мојата главна порака до делегациите и граѓаните е дека работата веќе почна. ЕУ перспективата ќе се материјализира, но ова значи многу работа во наредниот период и домашна задача. Очигледно акцентот е врз владеењето на правото, што е посебно важно. Поставивме амбициозен план отсега до идниот септември. Поконкретно да разгледаме 160 илјади страници од европските закони“, изјави еврокомесарот Хан.
Македонија и Албанија во јуни годинава добија условен датум за старт на преговори за членство во Европската Унија.
