Поволностите за инвестирање во Македонија претставени во Штутгарт

28.02.2014 11:10

Изминатите седум години ја подобривме бизнис климата, создадовме поволни услови за инвестирање, што резултираше со инвестиции на стотици странски компании во Македонија...

Изминатите седум години ја подобривме бизнис климата, создадовме поволни услови за инвестирање, што резултираше со инвестиции на стотици странски компании во Македонија. Премиерот Груевски на германските бизнисмени им ги претстави условите за инвестирање- ниски даноци и трошоци за почнување бизнис, едноставни процедури за регистрирање фирма и ослободување од низа давачки.
 
„Од макроекономска гледна точка, земјата има многу стабилна макроекономија во последните скоро 20 години. Тоа значи дека стапката на инфлација е многу ниска во тие 20 години, просекот изнесува околу 2 проценти годишна инфлација. Ние исто така сме земја која што има низок долг, односно околу 34 проценти од БДП, што е еден од најниските во Европа, би рекол дека сме четврта најмалку задолжена земја во Европа“, изјави премиерот Никола Груевски.
 
Груевски пред бизнисмените зборуваше за соработката со Германија и инвестициите кои произлегле од добрите бизнис врски. „Кромберт и Шуберт“, „Дрекселмаер“, „Маркард“, „Дојче телеком“ се само дел од германските компании кои успешно работат во Македонија. Слободните економски зони се атрактивни за странците.
 
Се градат нови патишта, се вложува интензивно во инфраструктурни проекти. Министерот за финансии, Зоран Ставрески рече дека македонската економија е во добра позиција, што е резултат на спроведените реформи и силниот раст.
 
„Многу инвестираме во подобрување на патната инфраструктура, во патиштата. Оваа година почнува изградбата на два нови автопати, едниот на источната страна на земјата, а другиот на западната и тие ќе ги намалат трошоците за логистика и ќе го олеснат и забрзаат процесот на транспорт  на луѓето во земјата до главниот град и кон Европа. Исто така ќе почнеме со изградба на нова железничка линија кон Бугарија што ќе создаде подобри  услови за бизнисмените“, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски.
 
„Сакаме да направиме конструкција од околу можеби 14 или 15 илјади квадратни метри. Сакаме да почнеме со градбата во април, со градежните работи во мај и да завршиме во мај 2015, а почетокот на процесот на производство ќе биде во јуни 2015.  Нашата цел е да ја зголемиме вработеноста на 500- 600 луѓе по 4 или 5 години. Ова е капитална инвестиција од 35 милиони евра и ќе произведуваме главно за автомобилската индустрија“, вели претставникот на германската компанија Маркард.
 
Германија е голем економски центар, важен трговски партнер за Македонија. 20% од извозот завршува токму на германскиот пазар. Следниот бизнис форум организиран од „Фајненшал тајмс“ е планиран за Соединетите Американски држави.
 
 
 
Билјана Василева Трендафилова, специјален известувач на МРТ од Штутгарт