Западните партнери се огласија по референдумот
Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во заедничка декларација, порачаа дека огромното мнозинство граѓани вчера ја поддржаа спогодбата со Грција. САД ги поздравуваат резултатите од референдумот во Македонија, на кој граѓаните изразија поддршка за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, соопшти синоќа Стејт Департментот...

„Граѓаните изразија поддршка за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција“, став на американскиот Стејт Департмент. Во дописот од Вашингтон е наведено дека силно ја поддржуваат целосната имплементација на Договорот, кој ѝ го овозможува на Македонија заслуженото место во евроатлантските структури, што ќе придонесе регионална стабилност, безбедност и просперитет. Затоа, САД ги повикаа лидерите да се издигнат над партиската политика.
„Во периодот што следува, кога македонското Собрание ќе почне расправа за уставните измени, ги повикуваме лидерите да се издигнат над партиската политика и да не ја испуштат историската можност да обезбедат светла иднина за земјата, како полноправна членка во западните институции“- се наведува во соопштението од Стејт Департментот.
Со заедничка изјава се огласија и високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
„На мирен и демократски начин огромно мнозинство од оние кои го искористија своето право на глас рекоа „да“ за Преспанскиот договор за името и за европскиот пат. Парламентот е сега повикан да продолжи со следните чекори за имеплементација на договорот за името преку одлука за усвојување на уставните промени“, пишува во изјавата на Могерини и Хан, кои бараат сите учесници да делуваат во рамки на нивната уставна одговорност, а надвор од партиските линии.
„Референдумот даде исход и сега работата е во рацете на Парламентот. Европската унија ќе продолжи да ја поддржува Поранешната југословенска Република Македонија“, нагласи портпаролот на Европската комисија, Маргаритас Скинас.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на „Твитер“ напиша: „Вратите на Алијансата остануваат отворени, но сите национални процедури мораат да се завршат претходно“.
„Го поздравувам гласот „за“ на референдумот во Македонија, итно ги повикувам сите лидери и партии да се ангажираат конструктивно и одговорно за да ја зграпчат оваа историска можност“- напиша Столтенберг на „Твитер“.
Фиљана Кока
