Политика

Влада на РМ: Референдумот е успешен

01.10.2018 15:10

Владата институционално ќе го финализира процесот, а парламентарците ќе мора да ја почитуваат јасната волја на граѓаните на референдумот, најави вицепремиерот Бујар Османи. Доколку не се постигне политички консензус ќе биде применета опцијата избори која веќе е разгледана, изјави вицепремиерката Шекеринска.

„Референдумот беше со цел да видиме каков е ставот на граѓаните по прашањето - дали Македонија треба да биде членка на НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот. Граѓаните достоинствено гласаа и со својот мнозински глас порачаа дека нашиот пат и нашата иднина се во НАТО и ЕУ“ – став на Владата. Оценуваат дека референдумот е успешен. Ги објаснија бројките и цензусот.

„Цензусот не е поврзан со рефрендумот, туку се работи за техничко- логистичко прашање, прашање за ажурноста на избирачкиот список. Ние вчера имавме наменски референдум, да ја видиме волјата на граѓаните за членството во ЕУ и НАТО. И тука нема дилеми. Да им честитаме на граѓаните да се чувствуваат горди и сега на нас е редот таа волја да ја преточиме во членство во ЕУ и НАТО“, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи.

Османи инсистира на институционално финализирање на процесот. Вели дека парламентарците мораат да ја почитуваат волјата на граѓаните. Не беше прецизен дали ќе се оди на предвремени избори доколку Парламентот не ја реши ситуацијата. Вицепремиерката Шекеринска вели- опцијата избори е веќе разгледана и ќе се примени доколку нема консензус. Ги објасни следните чекори на Владата.

„Следнава недела очекуваме и бараме поединечни средби со разни политички фактори. Оваа недела ќе направиме проценка дали постои шанси за 2/3 мнозинство. Доколку псотои, сметаме дека Македонија ќе добие шанса да обезбеди членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ“, изјави Радмила Шекеринска, вицепремиер и министер за одбрана.

Од Владата ги демантираа гласините дека Албанците не излегле во доволен број на референдумот. Според нив, одзивот на оваа етничка заедница не бил мал.

 

Катерина Топалова