Референдум

ДИК: Вкупно гласале 36,91% од запишаните гласачи, одлуката не е усвоена

01.10.2018 15:33

Државната изборна комисија ги соопшти првичните резултати. Одѕивот изнесува речиси 37 проценти. Над 91 процент од граѓаните кои излегле на референдумот гласале „за“...

Од 1.806.339 запишани гласачи своето граѓанско право да гласаат на референдумот го искористиле 666.743 или 36,91 процент- објави Државната изборна комисија по обработката на записниците добиени од 81 Општинска изборна комисија, вклучувајќи ги македонските амбасади. Од оние што гласале, 91,46% заокружиле „за“ на прашањето „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“, додека „против“ биле 5,65 проценти.

„Согласно утврдениот резултат од гласањето на референдумот, одлуката не е усвоена, бидејќи не гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список. Неусогласеноста на законските решенија, на Законот за референдум и Изборниот законик, правеше проблеми во организацијата и спроведувањето на целиот процес, меѓутоа со заеднички сили успеавме да ги надминеме тие ситуации, и сметам дека на крајот, успешно се организира овој процес“, изјави претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Барем засега ДИК сѐ уште нема информации дали имало полнење на кутиите во Струшко и Сарај, но Деркоски уверува дека доколку се докажат наводите, ќе се спроведе постапка против изборните органи.

Извештајот со резултатите ќе биде доставен до Собранието, а за најмногу 15 дена, објавен и во „Службен весник“.

 

Миле Ристески