Дигиталната трансформација во фокус на Самит 100
Во Белград дводневен Самит на 100 бизнис лидери. Учествуваат експерти и министри од регионот, а македонската делегација ја предводи вицепремиерот за економски прашања Анѓушев. Со новите технологии ќе се направи квантен скок кон развиен и глобално конкурентен регион, посочуваат учесниците на форумот. Според организаторите, целта на собирот е да се отворат можности за зајакнување на националните економии...

Дигиталната трансформација главна тема на седмиот Самит 100. На регионалниот состанок во Белград учествуваат над 200 бизнис лидери и политичари од земјите во Југоисточна Европа. Четвртата индустриска револуција е голема шанса за Србија и за регионот да фатат чекор со развиениот свет и не смее да дозволиме да ја пропуштиме, порача српската премиерка Ана Брнабиќ на отворањето на Самитот.
Со новите технологии ќе се направи квантен скок кон развиен и глобално конкурентен регион, посочуваат учесниците на форумот.
Според организаторите, целта на собирот е да се отворат можности за зајакнување на националните економии, а со тоа и зголемување на квалитетот на животот во регионот.
Македонскиот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев ќе биде дел од панелот- Регионална соработка, предизвици и перспективи. На учесниците ќе им се обратат и министерот за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ и министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Мирко Саровиќ.
На годинашниот Самит 100, бизнис и политичките лидери од регионот ќе формираат нови креативни проекти следејќи го развојот на дигиталната технологија. Во фокусот е и мобилноста на работната сила, енергетската одржливост, брендирање на регионот, унапредување на економската соработка и регионалната конкурентност.
Сунчица Николоска, специјален известувач од Белград за МРТ
