ОБСЕ/ ОДИХР: Референдумот генерално мирен и добро организиран

01.10.2018 16:12

Констатирано дека денот на изјаснувањето бил генерално мирен и добро организиран, кампањата оценета како активна, администрацијата непристрасна. Забелешки за законската рамка за референдумот.

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ ОДИХР ги соопшти првичните наоди и заклучоци за референдумот. Констатирано дека денот на изјаснувањето бил генерално мирен и добро организиран, кампањата оценета како активна, администрацијата непристрасна. Забелешки за законската рамка за референдумот.

Шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на рефререндумот во Скопје Јан Петерсен истакна дека иако законската рамка не ги покри доволно сите аспекти на процесот, референдумот беше администриран непристрасно, а темелните слободи беа почитувани.

Тој подвлече дека тоа што немаше организирана кампања „против“ или „за бојкот“ значеше дека за медиумите беше тешко да обезбедат балансирано покривање, иако тие за гласачите пренесуваа опсежни информации и широк спектар од разновидни гледишта.

На прес-конференцијата беше истакнато дека иако властите вложија извесни напори да обезбедат јавни информации во врска со договорот, сепак неговата содржина беше недоволно објаснета.

Во прелиминарната оценка на ОБСЕ/ОДИХР и на ПССЕ беше истакнато и прашањето на точноста на избирачките списоци со сугестија до властите ова прашање кое досега, како што рекоа, било споменувано во извештаите на овие две организации од неколкуте последни избори конечно ќе биде решено.