Иванов: Реалноста е дека референдумот не успеа

02.10.2018 09:46

„Тивкото мнозинство одлучи, референдумот не успеа и не се обидувајте да ја измените оваа реалност“, повика претседателот Иванов во вчерашното обраќање до нацијата. Посочи, одлуката на граѓаните е задолжителна. Во Европската унија и во НАТО треба да влеземе достоинствено, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Владејачкото мнозинство да понесе одговорност, побара шефот на државата...

Тивкото мнозинство одлучи, реалноста е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност- порача претседателот на државата Ѓорге Иванов во обраќањето до јавноста. Референдумот не е анкета, додаде Иванов, одлуката на граѓаните обврзува.

„Колку и да ја извртувате, не можете да ја промените реалноста. А реалноста е дека референдумот не е успешен. Време е за одговорност пред македонскиот народ. Поддршката за ЕУ и НАТО е колатерална штета на непопуларниот референдум. Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80% ја сведовте на само 36,9%. Ги манипулирате и нашите граѓани, а на нашите европски и евроатлански партнери им пласирате лажни претстави и перцепции“, изјави претседателот Иванов.

Цврсто сплотени околу нашите државни интереси, почитувајќи го уставниот и правниот поредок, може да го изодиме патот до европското и евроатланското семејство. Во ЕУ и НАТО треба да влеземе со нашето човечко достоинство без уцени притисоци и двојни стандарди, и да се справиме со двата големи предизвика, додаде Иванов.

„Првиот предизвик се сериозни и темелни реформи во сите сегменти, бидејќи без вистински судски реформи, без правда и владеење на правото, без борба против корупција, без борба против патриотскиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО. Вториот предизвик е одново да го изградиме нашиот национален концензус за да можеме со еден глас и сплотени да настапуваме во барањето за нашите државни интереси и остварувањето на нашите стратешки цели“, нагласи претседателот Иванов.

Шефот на државата повика владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум.

 

Андријана Атанасовска