Столтенберг: Единствен начин да се приклучите во НАТО е да го спроведете Договорот со Грција
Сега е моментот да ја зграпчите шансата, договорот од Преспа нема алтернатива, изјави во Брисел генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. За состојбата во регионот и за референдумот во Македонија ќе се разговара и на претстојниот состанок на министрите за одбраната на Алијансата...

НАТО ќе расправа и за референдумот во Македонија на претстојниот состанок на министрите за одбрана во Брисел. Сојузниците треба да испратат порака- единствен пат за прием на Македонија во Алијансата е целосно спроведуввање на Договорот со Грција. Столтенберг ги повика сите лидери во Македонија да ја згрпчат можноста за членство во НАТО. Според генералниот секретар, Брисел не очекувал таков одѕив од референдумот, но посочи, тој е советодавен и сега треба да реши Собранието. Повтори, членството во НАТО позитивно влијае на безбедноста и на просперитетот и го посочи приемот на последната земја- членка, Црна Гора, каде што странските инвестиции се удвоиле.
„Пристапните разговори со Поранешната југословенска Република Македонија продолжуваат сѐ додека земјата го сака тоа. Ние сме подготвени да Ве поздравиме како полноправна членка на НАТО со место во Северноатланскиот совет. Членството е важно за безбедноста и за просперитетот, како што видовме со приемот на Црна Гора. На Скопје е да реши како ќе оди напред. Мнозинството од граѓаните беа за членство во ЕУ и НАТО, но одѕивот не е таков каков што очекувавме. Ова е советодавен референдум, и сега одлуката е на Парламентот. Единствен начин да се приклучите во НАТО е да го спроведете Договорот со Грција. Нема шанса да го одбиете Договорот од Преспа и да станете членка. Моја обврска е јасно да кажам дека нема поинаков начин. Ние сме подготвени да Ве примиме, но одлуката е на Вас“, нагласи генералниот секретар на НАТО алијансата, Јенс Столтенберг.
Првиот човек на НАТО најави- пристапните разговори со Македонија што веќе се почнати, ќе завршат во јануари наредната година. Тогаш, според Столтенберг, се очекува земјава да потпише договор со Алијансата.
Ирина Гелевска
