САД

Осуда за сомнителните пратки до Демократите

25.10.2018 10:43

Американскиот претседател Доналд Трамп ги нападна медиумите по серијата пратки на сомнителни пакети до демократските функционери. Републиканските сенатори со осуда за пратката, демократите го вперија прстот кон Трамп...

Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини медиумите за, како што вели, „бескрајно непријателство“ откако сомнителни пакети им беа испратени на високи функционери од редовите на демократите, меѓу кои се и поранешниот челник на Белата куќа Барак Обама и претседателскиот кандидат Хилари Клинтон. Потенцираше дека медиумите имаат одговорност во воспоставувањето на цивилизиран тон и во прекинувањето на негативните и зачестените лажни приказни.

„Безбедноста на американскиот народ е мој највисок приоритет. Пакетите се однесени на анализа. Ангажирана е целата наша Влада и виновниците ќе одговараат за овие ужасни акти. Нема да ги штедиме ни ресурсите ни трошоците, во вакви времиња мора да се обединиме и да пратиме јасна, силна, прецизна порака дека во САД нема простор за закани за политичко насилство“, изјави претседателот Трамп.

Републиканските сенатори Мич Мекконел и Стив Скалис се меѓу оние кои остро го осудија испраќањето на пакетите, неполни две недели пред изборите за Конгресот на  6 ноември. Демократите во Конгресот го обвинија Трамп дека го одобрува насилството. Во заедничка изјава, сенаторот Чак Шумер и конгресменката Ненси Пелоси  потсетија дека претседателот и претходно изразувал поддршка за, како што велат, конгресмен кој удрил новинар, неонацисти кои усмртија жена во Шарлотсвил, и дикаторите кои ги убиваат своите граѓани.

Експлозив и коверт со бел прав беа пратени и до телевизиската мрежа Си-ен-ен.

„Тешки времиња за нашата нација. Луѓето чувствуваат голема омраза. Ваквите инциденти ја зголемуваат болката, а и стравот. Не смееме да дозволиме постапките на неколкумина да не променат“, рече градоначалникот на Њујорк, Бил Де Блазио.

„Ние сме Њујорк и ние сме меѓународна икона и меѓународна цел на напади. Тероризот успева само ако му дозволите. Тие се обидуваат да не заплашат и да не дестабилизраат. Нема да им дозволиме“, изјави Ендру Куомо, гувернер на држвата Њујорк.

Ниеден пакет не експлодираше. ФБИ спроведува истрага за праќачот. Засега никој не презеде одговорност.

 

Маја Филдишев